Финалниот турнир од Купот на ОФМ 2026 во машка и женска конкуренција по пауза од 15 години ќе се врати во главниот град откако Извршниот одбор на Одбојкарската федерација на Македонија одлучи тој да се одржи од 26 до 28 март оваа година во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје.
Најдобрите четири екипи во куп-натпреварувањето кај мажите и кај дамите низ тродневна програма ќе ја направат распределбата на првите трофеи во сезоната.
Завршницата од Купот во машка конкуренција ги има истите учесници како и минатата сезона, бранителот на пехарот Штип УГД, ланскиот финалист Струмица 47&72, како и ГОК Борец и Работнички 71&22. Кај девојките, пак, Наковски Волеј ќе ја брани титулата пред предизвикувачите Младост УГД, Вардар ЕМ и Газели Волеј – трите екипи испишаа клупска историја и за првпат ќе играат на еден Ф4 турнир во Купот.
Македонската радиотелевизија ќе врши директен пренос од сите натпревари, дефинирано е дека на 26 март ќе се играат полуфиналните натпревари во женска конкуренција со термини од 17.30 часот, односно 19.30 часот. Во истите сатници ден подоцна на програмата се полуфиналните дуели кај мажите, додека на 28-ми март ќе се играат финалињата. Женското финале ќе стартува во 17.30 часот, додека машкото финале ќе се игра од 19.30 часот.
Ждрепката за полуфиналните парови во двете конкуренции предвидено е да се одржи следната седмица.

