По Меси-Роналдо, на повидок е ново ривалство кое може да трае цела деценија

Младиот Ерлинг Халанд од Борусија Дортмунд, кој головите против ПСЖ ги славеше глумејќи дека е на јога, а по првиот меч на „Снепчет“ порача дека Париз е негов град, толку многу ги налути играчите на францускиот првак, што синоќа на моменти и претеруваа во славењето на пласманот во четвртфиналето на ЛШ.

По вториот гол во мрежата на Борусија, Анхел ди Марија беше фатен од камерите како извикува „Ајде да ги растуриме, да им дадеме 7 гола, да ги наполниме најмногу што можеме“, а по средбата, Мауро Икарди свртен кон играчите на Борусија викаше: „Сега славете да ве видам, к….. синови“.

По мечот сите играчи на ПСЖ позираа како Халанд, седнати со прекрстени нозе и споени палец и показалец, а Нејмар побрза да објави фотографија на „Инстаграм“ со порака дека „Париз е наш град, не е ваш“. Плус тоа, на сликата на Халанд во која порача дека Париз е негов, Нејмар напиша дека неговиот град е во Норвешка и нека се врати таму.

Килијан Мбапе поради болест не можеше да даде максимум на фудбалскиот терен, играше половина час, но меѓу главните беше при прославата со соиграчите, како и во соблекувалната и со фановите. Веројатно не му се допадна што се најде во сенка на Халанд по првиот меч, па сега како да сакаше да му докаже дека сепак тој е најдобар млад фудбалер на светот. Ако ова нетрпение продолжи, по ривалството на Меси и Кристијано Роналдо, може да гледаме битка на Халанд и Мбапе.

 

- Оглас -

Најнови вести