Формула 1 е еден од оние спортови кои важат за мажи и жените се реткост на Ф1 патеките и во гаражите на тимовите, но има и исклучоци.
Британката Џесика Хоукинс (28) денеска ја имаше честа да биде прва жена по 2018 година која возела Ф1 болид. Таа го тестираше болидот на Астон Мартин од 2021 година и извозе 26 круга на патеката „Хунгароринг“ крај Будимпешта.
„Голема благодарност до тимот Астон Мартин, кој имаше доверба во мене и ми ја даде оваа шанса. Пролеав крв, пот и солзи за да дојдам до ова. Морав да кријам со месеци, што ми беше многу тешко, но вредеше. Ништо не може да се спореди со забрзувањето и кочењето на Формула 1 болид. Ги видов податоците, горда сум на моето возење“, изјави поранешната картинг шампионка Хоукинс.
Пред неа, припадничка на понежниот пол која тестирала Ф1 болид беше Татјана Калдерон од Колумбија во 2018 година, кога на патеката во Мексико сити возеше болид на Заубер, денешен Алфа Ромео.
Последна жена која се натпреварувала на трка во Формула 1 шампионатот е Италијанката Лела Ломбарди во далечната 1976 година.