Најновата ранг-листа на ФИФА ќе излезе в четврток, но веќе нема да има репрезентативни мечеви и може да се пресмета каде ќе биде пласирана македонската фудбалска репрезентација.
Месецов Македонија имаше пораз 2-5 од Италија и реми 1-1 во Скопје против Англија.
Македонија ќе има 1.362 поени, четири повеќе од претходното рангирање и тоа е доволно за 65-то место, едно погоре од октомвриското рангирање, кое уште е актуелно и на него во моментов сме 66-ти на светот.
На врвот на листата има одредени промени. Лидер остана актуелниот светски првак Аргентина, со мала предност пред Франција, а пад од две места ќе има Бразил, кој ќе биде петти. Трета е Англија, четврта Белгија.
Во топ 10 ќе бидат и Холандија, Португалија, Шпанија, Италија и Хрватска.