По секоја од последните четири титули на Реал, од Барса си замина по една „ѕверка“

Најтрофејниот шпански фудбалски клуб Реал Мадрид освои само четири титули во последните 13 сезони во шпанското првенство, но секоја од тие титули донесе трауми во редовите на ривалот Барселона и разделби со суперѕвезди.

Во 2008 година, Барса беше разнишана со заминувањето на Роналдињо, во 2012 година клубот остана без тренерот Гвардиола, во 2017 година си замина Нејмар, а сега клубот е во голема криза, се подготвува вистински земјотрес и разделба со Меси, што веројатно ќе предизвика и промена на претседателот на клубот.

Пред 12 сезони, Реал беше прв, а Барса трета дури со 18 бода помалку, па сезоната без освоен трофеј придонесе за чистка во која клубот донесе тешка одлука да се раздели со Бразилецот Роналдињо, Ето, Деко и со тренерот Рајкард. На местото на Рајкард седна Пеп Гвардиола, кој за четири години беше повеќе од успешен и освои 14 трофеи, но кога Реал освои 100 бода и ги детронираше Каталонците, Гвардиола си замина.

Во 2017, Реал стана и шпански и европски првак, а неколку недели подоцна Барса остана без Нејмар, кој за светски рекорд од 222 милиони евра премина во ПСЖ. По заминувањето на Нејмар, Барселона нема ниту едно финале во ЛШ.

Капак на овие трауми може да биде трансферот на Меси. Реал пак е шампион на Шпанија, но никој не претпоставуваше дека Барса летово може да остане без својот најдобар играч во историјата. Аргентинецот во следната сезона сака да игра за Манчестер сити и ништо чудно ако тој трансфер се оствари.

- Оглас -

Најнови вести