Дебаклот против Велс никој не го очекуваше, но дојде како отрезнување можеби во момент и ни покажа дека не треба премногу да се занесуваме дека сме многу јаки.
Селекторот Благоја Милевски рече дека тимот не личел на оној што имаше серија од 14 меча по ред без пораз (веројатно не го смета или го заборавил поразот од Саудиска Арабија во септември).
Македонија редеше победи, но против Лихтенштајн, Казахстан, Фарски Острови, Малта, Летонија, Гибралтар и Ерменија, земји кои се под 100-тото место на ФИФА листата и далеку понискорангирани од Македонија. Двете ремија со Белгија беа успех поголем од овие победи.
Последната победа над репрезентација која е пред нас на ФИФА-листата беше во март 2022 против Италија во Палермо. Следниот меч во баражот во март пак ќе ни биде против фаворит, можеби повторно против Италија и тоа ќе биде шанса да се покаже дека можеме да изненадиме некој што е на хартија посилен.

