Што и да се каже и што и да се направи малку е во споредба со тоа што Кире Лазаров како ракометар и спортист и го има донесено на Македонија. Велат спортот е најдобриот начин да се промовира една држава, а Кире Лазаров е еден од најголемите наши спортски амбасадори, а веројатно и најголемиот.
Ние сме горди што го имаме, а останатите селекции ни завидуваат бидејќи во неколку наврати одби убави суми на пари за да ги брани нивните бои, но Кире не се „продаде“, напротив ја предводеше Македонија до најголемите спортски успеси.
Тој својот прв настап за младата ракометна селекција на Македонија го имаше далечната 1994 година на Светското првенство во Израел, додека првиот сениорски повик го доби за СП во Египет во 1999 година, и оттогаш почнува сè.
Ја предводеше ракометна Македонија до најголемите спортски успеси. Во 2009 година на СП во Хрватска постигна неверојатни 92 гола, со што го урна рекордот на Кореецот Кјунг Шин-јуна кој на СП во Исланд 1995 постигна 85 голови.
Три години подоцна, пак во Србија завршивме како петтопласирани, што беше и повеќе од доволен повод илјадници народ да се собере под триумфалната капија.
За Македонија вечерва по 238 и последен пат ќе го облече националниот дрес како ракометар, а до сега има 1699 погодоци, достигнување кое што, секоја чест за останатите, ама тешко ќе биде достигнато во блиска иднина.
Да се надеваме дека вечерашниот, последен танц против Чешка (19 часот) ќе биде победнички и Македонија ќе се пласира на Светското првенство.