Американската штафета 4 х 400 метри мешано во полуфиналната трка постави нов светски рекорд на Олимписките игри во Париз, но не вечерва не успеа да го освои златниот медал. Им го „украде“ Холандија, која го освои првото место со резултат 3:07.43 минути.
Фантастична во финишот беше Фемке Бол, која трчаше како молња и на крајот успеа прва да мине низ целта.
По првите три промени, во кои трчаа Јуџин Омала, Лике Клавер и Исаја Клајн Икинк, Холандија беше четврта со повеќе од 50 метри заостанување зад американската штафета. Сепак, Фемке Бол прво ја мина Белгија и стигна до третото место, потоа Велика Британија со што стигна до второто место, за во последните пет метри да ја пројде и Американката Кајлин Браун, која не успеа да ја капитализира одличната работа на своите претходници Вернон Норвуд, Шамиер Литл и Брајс Дедмон.
Американците мораа да се задоволат со втората позиција (3:07.74 минути), а третото место им припадна на атлетичарите од Велика Британија (3:08.01 минути).