Илија Лончаревиќ му беше еден од првите тренери на македонскиот фудбалски јунак, Александар Трајковски и вели дека тој бил еден од најголемите таленти на 18-годишна возраст, но и дека очекувал многу повеќе од него.
Трајковски како тинејџер пристигна во Интер Запрешиќ во ХНЛ лигата и одигра само 8 натпревари на кои постигна 4 гола.
„Беше многу млад и делуваше некако незаинтересирано. Според талентот што го имаше можеше да направи многу подобра кариера. Се сеќавам на еден меч ја зема топката на средина на игралиштето, ги издрибла сите противнички играчи и постигна гол со левата, послабата нога.
Тоа беше спектакуларно да се гледа. И вчера со голот против Италија покажа дека во него лежи многу повеќе потенцијал од тоа што досега го постигна во фудбалот.
Се радував на голот што им го даде на Италијанците, па тоа е мое дете. Ќе им биде тешко на Македонците, бидејќи Португалија има многу поголем избор на квалитетни играчи за два меча во пет-шест дена. Но, како се борат како лавови се е можно, иако мислам дека Португалија е поблиску до Катар“, вели Лончаревиќ.
Трајковски потоа играше за Зулте Варегем и Мехелен во Белгија, па мина четири сезони во Палермо, каде вчера постигна фантастичен гол за Македонија против Италија.
Потоа се пресели во Ла Лига во Мајорка, па во Алборг во Данска и сега игра за Ал-Фајха во Саудиска Арабија.
На почетокот на кариерата популарниот Алекс одигра еден меч и за Челзи, во составот на играчи до 19 години и постигна гол против Ботафого во Амстердам за пласман во полуфиналето на турнирот.
На 29. март повторно ќе биде едно од главните оружја на Македонија во обидот да направиме нова сензација, да ја победиме и Португалија за настап на прво Светско првенство.