Тиквеш одигра нерешено 1:1 на гостувањето во Кратово против Силекс, бод кој е многу значаен за тимот од Кавадарци во борбата за опстанок. Тиквеш поведе со 1:0, а стрелец на голот беше Александар Мишов во 31 минута од мечот.
Мишов одлично се снајде и прецизно шутираше од далечина, совладувајќи го голманот на Силекс. Веднаш по постигнувањето на погодокот, Мишов високо ги крена рацете и погледна кон небото.
Јасно беше дека тој гол е посветен за Андреј Лазаров, кој е еден од 59-те настрадани во трагедијата која пред две недели се случи во Кочани.
„Ти ветив дека ќе дадам гол за тебе. Овој и секој нареден ќе бидат за тебе. Само јас знам како го одиграв овој меч. Ќе имаш посебно место во моето срце се додека не се сретнеме на некое поубаво место. Почивај во мир мој Андрејко, братче мое…“ – напиша напаѓачот на Тиквеш.