Во најемотивниот меч во кариерата постигна гол против Црвена ѕвезда, сега предизвик е да погоди хуманитарен тикет

Речиси 30.000 навивачи ја наполнија Арената „Тодор Проески“ за дуелот меѓу Вардар и Црвена ѕвезда, а сите собрани средства ќе завршат во хуманитарни цени за настраданите во трагедијата во Кочани. Вардар загуби со 1:3 од некогашниот европски и светски првак, но најважно од сѐ беше сплотеноста да се помогне на тие кои им е најпотребно по ужасот кој минатиот месец се случи во Кочани.

Во еден меч од ваков карактер и одигран поради една трагична причина, фановите на стадионот сепак имаа можност и за малку радост. Вардар беше тимот кој прв постигна гол и поведе со 1:0. Се играше 27 минута кога левиот бек Михаил Маневски имаше одличен продор и со силен и прецизен шут ја „искина“ мрежата на Црвена ѕвезда.

По постигнувањето на голот, Маневски веднаш покажа дека тој погодок е посветен на Андреј Лазаров, фудбалерот кој настрада во трагедијата во Кочани. Маневски и Лазаров беа добри пријатели, а и на денот на хоророт по трагедијата во Кочани, токму Михаил бил тој што бил заедно со најблиските на Андреј. Маневски прифати да направи еден хуманитарен тикет, кој ако биде добитен се знае дека ќе биде за настраданите во Кочани.

„Пред да почне мечот, по сопствена иницијатива направив црна маичка на која пишуваше Андреј Лазаров. Со таа маичка се загревав пред мечот, а кога требаше да започне средбата, ја соблеков за да бидам во дресот. Сепак, во еден момент помислив дека треба маичката да ми биде под дресот, затоа што иако играме против Црвена ѕвезда, можно е да се случи да постигнам гол, а јасно беше дека ако дадам гол, дека тој ќе биде посветен на Андреј. Ја облеков маичката под дресот и ете, не помина половина час, а јас успеав да постигнам гол. Верувам дека има некоја посебна моќ, дека и Андреј ми помогна да шутнам така прецизно и да погодам. Едноставно тогаш емоциите ме совладаа. Тоа беше мојот најдраг гол и меч кој ќе го памтам засекогаш“, вели Маневски.

Иако Маневски и Лазаров никогаш не играле заедно во ист тим, тие биле добри другари. Лазаров од Кочани, а Маневски од Штип, па знаеле често и да се дружат. Во кобниот ден, Лазаров кога бил пренесен во болницата во Штип, токму Михаил бил поддршка за семејството на настраданиот Андреј.

„Никогаш да не се повтори нешто слично. Kобниот ден постојано бев со таткото на Андреј во болницата во Штип. Беше многу трауматичен ден, а на крајот стигна најлошата вест. Сепак, Андреј никогаш нема да биде заборавен“, со многу емоции зборува Маневски, кој додаде дека по завршување на мечот против Црвена ѕвезда, веднаш добил телефонски повик и од најблиските на Андреј.

ЗНАЕ КАКО СЕ ОСВОЈУВА КУП ТРОФЕЈ, ЖЕЛБА МУ Е СО ВАРДАР СЕЗОНАВА ДА СЕ ИЗРАДУВА НА ТОЈ ПЕХАР

Маневски е фудбалер кој е во Вардар во последниве три месеци. Црвено-црниот дрес го облече откако имаше одлична есенска полусезона во тимот на Тиквеш од Кавадарци, а неговите игри не останаа незабележани од главните луѓе во Вардар, кои очигледно не згрешија во изборот.

„Одиграв добро во дресот на Тиквеш и секако дека ми годеше кога добив понуда да заиграм за Вардар, клуб кој е најтрофеен во Македонија. Од самото доаѓање во Вардар, имаме одлични услови за работа од секој аспект. Се работи професионално на секое ниво, а на нас играчите задача ни е да го даваме максимумот на теренот на секој меч. Главна цел беше да се избори опстанок во лигата и сме на добар пат тоа да го направиме. Освен тоа, уште една главна цел за оваа сезона ни е да се обидеме да го освоиме Купот на Македонија. Имаме добар резултат пред реваншот во полуфиналето против Брера и верувам дека ќе играме во финалето, а потоа пред полни трибини да го донесеме и трофејот во нашите витрини. Знам дека вардар оддамна нема трофеј во Купот и мислам дека е време тој пост да заврши. Јас имам освоено еден трофеј во Купот како играч на Брера и тоа чувство е одлично, па би сакал да се повтори тоа и со Вардар“, вели левиот бек, кој како тинејџер имал можност да работи и во Италија и да види како се тренира во една од најфудбалските земји во светот.

КАКО ТИНЕЈЏЕР ТРЕНИРАЛ ВО ИНТЕР И ЕМПОЛИ, БИЛ ДЕЛ ОД СИТЕ МЛАДИНСКИ СЕЛЕКЦИИ НА МАКЕДОНИЈА

„Како тинејџер додека играв за Академија Пандев, бевме дел од Вијареџо купот, а потоа добив можност да тренирам во Италија. Три месеци бев во Емполи, а потоа уште три месеци во Интер. Таму многу научив, видов како тоа го прават во една од најфудалските земји во светот“, вели Маневски.

Михаил продолжува напорно да работи, да тренира посветено и се надева дека со добрите игри во дресот на Вардар, во блиска иднина ќе оствари уште еден од неговите соништа, а тоа е да дебитира и за сениорската репрезентација на Македонија.

„Како тинејџер ги поминав сите младински категории на македонската репрезентација. Играв и за У21 составот. Сега, желба ми е да продолжам напорно да работам, да играм добро и да се обидам да стигнам и до сениорскиот состав на Македонија, што секако ми е една од најголемите желби“, заврши Маневски, фудбалерот кој дефинитивно е во фокусот на спортската јавност, не само поради голот што го постигна против Црвена ѕвезда, туку воопшто си игрите кои ги има во дресот на Вардар во изминативе неколку месеци.

Хуманитарниот тикет на Михаил Маневски е со мечеви од најсилните лиги во Европа и доколку се погодени сите парови, добивката е речиси 700 евра.

 

 

- Оглас -

Најнови вести