Интер Мајами клубот кој беше формиран пред само пет години, стигна до првиот голем трофеј во клупската историја. Екипата од Флорида се радуваше откако успеа да триумфира во Лига Купот, натпреварување во кое учествуваа 47 клубови од земјите од Северна Америка.
Лионел Меси е најзаслужниот за овој трофеј на Интер Мајами. Аргентинецот стигна во клубот пред еден месец и дебитираше точно со стартот на овој Куп. Во седум меча колку што Интер Мајами одигра за да стигне до историскиот трофеј, Меси постигна дури 10 гола, а шест пати беше прогласуван за најдобар играч на мечот. Во финалето даде прекрасен гол, а потоа погоди и во пенал-рулетот.
Аргентинецот уште по првиот меч ја доби капитенската лента, но кога утрово требаше да го подигне првиот трофеј во историјата на клубот, Меси не го заборави Де Андре Једлин. Тоа е фудбалерот кој беше капитен на Интер Мајами до пред доаѓањето на Меси.
Кога требаше да се добие трофејот, Меси го повика и Де Андре Једлин, па двајцата заедно го превземаа пехарот и го кренаа за голема радост на сите во Интер Мајами, а капитенската лента беше на раката на Де Андре Једлин.