Кошаркарите на МЗТ Скопје многу потешко од очекувањата дојдоа до победата против екипата на Академија ФМП во првиот натпревар од 11-тото коло на Првата кошаркарска лига на Македонија.
Актуелниот шампион на Македонија, очекувано тргна во мечот и првиот период го доби со 19-10. Следуваше опуштање во втората четвртина, која заврши нерешено, 161-16, но сепак, МЗТ Скопје замина на полувремето со сигурни +9, односно 35-26.
Екипата на Академија ФМП во третата четвртина покажа дека не е за потценување и успеа да дојде до израмнување, 58-58, откако го доби периодот со 23-32. Победникот на мечот се одлучуваше во самиот финиш од натпреварот, со оглед на тоа дека на само 100 секунди до крајот беше нерешено, 72-72. Сепак, Војдан Стојановски и Марко Баковиќ со по една тројка го донесоа МЗТ Скопје во водство, предност што на крајот се покажа како одлучувачка за победата од 79-72.
Тимот од скопски Аеродром со ефект од 10 победи и само еден пораз е убедлив лидер во првенството, пред Пелистер и Еуро Никел кои имаат по седум победи, но допрва треба да ги одиграат своите натпревари од 11-тото коло.
Нигериецот Омотао Огундиран од Академија ФМП беше убедливо најефикасниот кошаркар на паркетот со 29 поени. Во редовите на МЗТ епитетот за најпрецизен го понесе Војдан Стојановски со 21 поен.