Потоп на Баерн во Франкфурт, Лајпциг смести осум „комада“ во мрежата на Мајнц

Ајнтрахт Франкфурт приреди сензација во тековното 10-то коло во Бундеслигата, триумфирајќи со убедливи 5-1 против актуелниот шампион Баерн Минхен. Орлите немаа апсолутно никаков респект кон баварскиот великан и безмилосно ја полнеше мрежата на Нојер во речиси секоја нивна прилика.

Гостите од Минхен веќе по 9 минути играа наидоа на проблеми, откако Боатенг заработи директно исклучување. Без клучниот стопер, јасно беше дека тимот на Ковач ќе биде ранлив во одбраната, додека Ајнтрахт бараше начин како да ја искористи ситуацијата. Костиќ и Соу до 33-тата минута им донесоа 2-0 предност на домаќините, пред Левандовски да намали на 2-1 пред паузата.

Наместо Баерн да се бори за враќање во игра, следуваше тотален дебакл. Абрахам во 49-тата минута зголеми на 3-1, а конечниот резултат до крајот го поставија Хинтерегер и Пачиенција.

Лајпциг со огромни 8-0 над Мајнц ја запиша петтата победа сезонава во Бундеслигата. Црвените бикови си поиграа со противникот, а од вкупно осум гола пет постигнаа во првите 45 минути. Тимо Вернер го предводеше Лајпциг со хет-трик, а по еднаш на листата стрелци се запишаа Сабицер, Халстенберг, Нкунку, Полсен и Мукиеле.

Борусија Дортмунд славеше со сигурни 3-0 против Волфсбург, додека лидерот Менхенгладбах беше подобар од Леверкузен на „Бајарена“ со конечни 2-1 за одржување на водечката позиција на табелата по 10 кола. Вердер Бремен и Фрајбург ремизираа при конечни 2-2.

 

- Оглас -

Најнови вести