18.8 C
Skopje
понеделник, 11 август 2025

Потпиша нов договор, но Нико Вилијамс стана „персона нон грата“ во Билбао

Нико Вилијамс ова лето долго време „флертуваше“ со трансфер во Барселона, пред конечно да го продолжи договорот со Атлетик Билбао до 2035 година.

Иако потпиша долгорочен договор со Атлетик, Нико Вилијамс изгуби многу пријатели во соблекувалната. Неговото долго „флертување“ со Барселона ги наведе соиграчите да се свртат против него, открива шпанскиот весник „Ел Насионал“ и сега сите ја доведуваат во прашање лојалноста на Нико кон проектот на Атлетик.

Продолжувањето на договорот беше големо изненадување за многумина, бидејќи Нико Вилијамс веќе најавуваше дека сака да го напушти клубот од Баскија. Сепак, тој остана, но со значителни финансиски последици за клубот, според новиот десетгодишен договор, тој стана најплатениот играч во тимот.

Неговата откупна клаузула исто така беше зголемена, од 58 милиони евра на 100 милиони евра, што предизвика дополнително незадоволство во соблекувалната.

Други клучни играчи, како Дани Вивијан (26) и Ојан Сансет (25), сметаат дека се поважни за системот на тренерот Ернесто Валверде и дека, според тоа, заслужуваат барем иста плата.

Весникот „Ел Насионал“ додава дека останатите играчи се вознемирени од привилегиите што ги ужива Нико Вилијамс во клубот, и покрај тоа што минатата сезона не ги исполни очекувањата. Вилијамс учествувал само во 10 голови на 29 натпревари во Ла Лига, што за некои соиграчи е премалку.

Шпанецот пропушти 10 натпревари минатата сезона поради бројни помали повреди. Во соблекувалната му замераат што не се грижи доволно за себе надвор од теренот и дека „има многу интензивен ноќен живот“.

- Оглас -

Најнови вести