Српската одбојкарка Јована Бракочевиќ која настапува за тимот на Агил волеј од Новара, ја потресе јавноста опишувајќи ја црната глетка во Бергамо. Италија ја надмина Кина откако пријавени се повеќе од 4.000 жртви од коронавирусот, а единствен начин да се ослободат од мртвите тела е да се кремираат.
Откако се појави видео како десетици воени камиони превезуваат мртви тела во крематориум низ улиците на Бергамо, Бракочевиќ го крена гласот против сите оние кои не ги почитуваат правилата да останат дома во самоизолација како мерка против ширење на вирусот Ковид-19.
„Не објавувам често, речиси никогаш, но сега имав потреба. Ковид-19 е вирус кој нè затвори дома. Но, дали е само тоа? Од коронавирусот се умира, тоа е факт. И, не само што се умира, туку се умира сам. Никој никаде освен опремениот медицинскиот персонал на кои едвај очите им се познаваат. Никој да го држи за рака заразениот додека се бори со вирусот, или да биде покрај него додека ја губи битката. Никој. Во Бергамо се случи нешто страшно. Војската дојде по безживотните тела и директно ги пренесе во крематориум. Никој не можеше да ги види. Никој да се прости од своите блиски. Влегле сами во болницата, сами се бореле и сами починале. И изгубиле… Сами… Без своите блиски. Погреби нема да има, телата ќе бидат кремирани и тоа е тоа. А, вие мили мои, продолжете да излегувате по кафичи, продолжете со своите прошетки во парк и шопинг. Така ги изложувате на ризик своите блиски, не само од зараза туку и од осамена смрт. Да бидеме попаметни и посвесни не само за своите животи, туку и за животите на нашите најблиски“, пишува во објавата на Јована.
— Jovana Brakocevic (@JBrakocevic) March 19, 2020