Кошаркарската репрезентација на Летонија го освои петтото место на штотуку завршеното Светско првенство и тоа е најголем успех во нивната историја, и особено драг што во битката за петтата позиција ја совладаа соседната Литванија.
Во овие балтички земји кошарката е спорт број 1, а љубовта ја искажаа и со пречекот на кошаркарите, кој неодоливо потсетуваше на пречекот кој им беше приреден на македонските при освојувањето на четвртото место на Евробаскетот во 2011 година.
Со отворен двокатен автобус парадираа по улиците, на крајот стигнаа на централниот плоштад во Рига, каде што играчите беа поздравени од огромен број луѓе. Инаку, и Летонија има сличен број жители како Македонија, малку под 2 милиони.
Светски првак стана Германија, но тамошниот пречек на кошаркарите во Франкфурт не беше толку масовен и емотивен како овој во Рига.