Поттик за Лацио – Шампионот е ранет и уморен, сега е шанса за подвиг

Лацио има шанса што треба да ја искористи на првиот осминафинален дуел со актуелниот европски првак Баерн Минхен, пишуваат италијанските медиуми во денешните изданија.

„Баерн е уморен и има многу повредени играчи. Лацио сега е шансата да се победи шампионот“, е насловот на „Тутоспорт“ пред денешниот дуел во Рим на „Олимпико“ како прв чин од двомечот меѓу италијанскиот тим и првакот на Европа.

Баерн ги освои сите можни трофеи во последните две сезони, а на списокот последен им е и пехарот од Светскиот клупски куп што се играше во Катар неодамна.

Токму патувањето во Катар донесе и многу проблеми за Баварците, а и заморот ги стигна непобедливите. Баерн е во импресивна серија од 18 меча без пораз во Лигата на шампионите, што лани ја освои со вкупно 12 победи.

И оваа сезона играат одлично во лускузната лига и ги завршија настапите во фазата по групи со пет победи и едно реми како првопласирана екипа.

Но, токму по Светскиот клупски куп во Катар им се случија два сензационални резултати, ремито против Арминија Билефелд, кога се спасуваа од пораз и од негатива од два гола, и тоа на двапати, за конечно реми 3:3.

Потоа ги порази Ајнтрахт Франкфурт со 2:1 викендов, а што е уште попроблематично за актуелниот шампион на Европа, листата на повредени играчи е многу долга.

Вечерва нема да играат Павард, Толисо, Даглас Коста, Серж Гнабри, Томас Милер и уште неколку играчи, кои се значајни за играта на германскиот тим.

„Вистинско време да го покажеме шампионското лице. Ова се специјални натпревари, каде што нема многу простор за коригирање на грешките. Имаме начин како да бидеме екстра мотивирани, имаме и план како ќе играме, а очекувам да се прикажеме во формата од ланското издание и од натпреварите во фазата по групи во оваа сезона во Лигата на шампионите“, изјави Ханси Флик, тренерот на Баерн.

Лацио нема такви проблеми, главните адути, Чиро Имобиле, Кореа, Милинковиќ-Савиќ, Луис Алберто… им се во редовите и подготвени за подвиг и прекин на долгата серија успеси на Баерн.

„Овој меч против шампионот на Европа е кулминација на нашата заедничка работа во последните пет години, со фантастична група на играчи. Ќе играме максимално мотивирани, но мора и да уживаме на натпреварот. Играчите на Баерн можеби се уморни и имаат проблеми со повреди, но освојуваат трофеи како на филмска лента. Имаме подготвено тактика и се надевам дека ќе успееме да им се спротивставиме“, изјави Симоне Инѕаги, кој одлично го предводи Лацио од клупата.

Мечот се игра од 21 часот на „Олимпико“ во Рим.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести