Доколку Пеп Гвардиола и неговиот тим Манчестер сити вечерва победат, ќе обезбедат пласман во понатамошниот дел од Лигата на шампионите.
Иако победата против Клуб Бриж не би требало да дојде под знак прашалник, сепак шпанскиот стратег е максимално фокусиран на овој меч, а притоа даде и малку потценувачка изјава за медиумите пред саботното дерби.
„Мечот против Клуб Бриж е најважниот натпревар за нас, многу поважен од тој против Манчестер јунајтед.
Ние имаме шанса со победа уште вечерва да се пласираме во елиминациите од ова натпреварување. Во Премиер лигата има уште многу натпревари до крајот на сезоната и да изгубиме или победиме, ништо нема да биде решено.
Во Лигата на шампионите ни преостануваат уште три во групната фаза и затоа мораме на секој натпревар да одиме на победа“, изјави Гвардиола.
Манчестер сити во групата А има шест освоени бода и се наоѓа на второто место само со еден помалку од ПСЖ, а два повеќе од вечерашниот противник, додека Лајпциг е „закован“ на дното со нула бодови.