Потврдено: Истанбул повторно извиси, финалето во ЛШ преместено во Порто

Манчестер сити и Челзи наместо во Истанбул на „Ататурк“ стадионот, за европската титула ќе се борат во Порто на „Драгао“, потврди УЕФА.

Истанбул како домаќин повторно извиси поради пандемијата со корона-вирусот, а во Португалија втора година по ред ќе се одлучува континенталниот фудбалски владетел.

Во ланската сезона се играше турнир во Лисабон, каде што на крајот Баерн Минхен ја освои шестата титула во финалето против ПСЖ, па сега во истата земја мечот ќе се игра за најпрестижниот клупски трофеј. Португалија е една од земјите кои се на „зелената листа“ на Велика Британија, што значи дека не е потребно за екипите да бидат во карантин по враќањето во Англија.

Манчестер сити и Челзи на 29 мај ќе ги одмерат силите во англиското финале, во кое тимот на Гвардиола атакува на прва европска титула во својот прв финален настап, додека Сините во своето трето финале ќе се обидат да го повторат успехот од сезоната 2011/12.

Напоредно, потврдено е дека финалето ќе се игра пред 12.000 навивачи, по 6.000 од двата финалисти, па целокупната слика ќе биде повозбудлива и поубава во однос на минатата сезона.

- Оглас -

Најнови вести