Македонската олимписка натпреварувачка Милјана Рељиќ не успеа да се закити со медал на Светското првенство во таеквондо кое се одржува во Кина. Нашата натпреварувачка имаше учинок од една победа и еден пораз, па на крајот заврши на деветтото место.
Рељиќ на Мундијалот отпатува со добар рејтинг, па беше слободна во првото коло. Во втората рунда за противник ја имаше Селидиене Караниеро од Бразил, а Милан со атрактивен удар во главата во последната секунда од втората рунда ја обезбеди победата и пласманот понатаму.
Сепак, на овој меч македонската натпреварувачка се здоби со повреда, која значително ја отежна работата во пресрет на следниот предизвик. Домашната натпреварувачка Ксимен Чен ја победи Рељиќ, но тренерот на нашата олимпијка имаше многу забелешки за судењето на овој дуел.
„Во таа борба во првата рунда беше нерешено 0:0, но судиите не ни дадоа ниту еден поен со удар со рака во оклоп дури од 6 чисти удари. Овие поени ги даваат страничните судии, не ги регистрира електронскиот систем, па првата рунда при нерешен резултат судиите ѝ ја дадоа на домашната претставничка. Во втората рунда Мила загуби тесно со 3:4 и повторно не добивме поени со удар со рака, овојпат имавме 3 удари. Кинезинката подоцна го освои бронзениот медал. Да не се здобиевме со силната повреда против Бразил, многу подоминантна борба ќе направевме против Кина и сигурно ќе стигневме до медал. Вака Мила заврши на високата 9-та позиција и собра нови 21.17 поени за олимписката ранкинг-листа за бодувањето во квалификациите за ЛОИ Лос Анџелес 2028. Со овие поени Мила треба да се најде во првите 20 на Олимписката ранкинг-листа, целта е да остане во првите 32 натпреварувачки до јуни 2026 и да може да се натпреварува на четирите Гран-при Г-6 турнири кои носат многу поени за Лос Анџелес 2028″, истакна тренерот Александар Ефремов.

