Појавувањето на тренерот на Партизан, Александар Станојевиќ, со фластери на челото и носот, со кои тој го запрел крварењето, се срамна слика и голем минус за реномето на Партизан, пишуваат некои српски медиуми.
Немилиот инцидент се случил кога било скршено стаклото од соблекувалната на Партизан, кога парче го пресекло 50-годишниот тренер.
„Незадоволните навивачи го скршија стаклото од соблекувалната, парче стакло ме погоди и ме пресече“, кратко изјави Станојевиќ на прес-конференцијата.
Тренерот на Ѕвезда, Владан Милојевиќ, не го видел колегата, но му упати поддршка.
„Не знам, не сум го видел. Му посакувам сè најдобро, тоа не се убави работи за фудбалот. Ова е спорт и не треба да се крева на ниво на војна и не знам што. Тие работи се грди и не треба да се случуваат. Ова е фудбал, игра“, изјави Милојевиќ.