Повторно е подготвен за војна на терен – Кој е играчот што најмногу тепа, но и го фаулираат во Лигата на шампионите?

Нигериецот Огочукву Оњека е вистински воин на теренот, бескомпромисен борец што вечерва повторно е подготвен за беспоштедна фудбалска битка во дресот на Митјиланд против Ајакс.

На Данците не им оди добро во дебито во Лигата на шампионите, имаат постигнато само еден гол и сè уште се без освоен бод, но Оњека е една од малкуте светли точки.

Нигериецот има 22 години и веќе е на врвот во иста категорија во досегашните три кола во Лигата на шампионите. Тој е играчот што направи најмногу фаули, точно 14 на три меча против Ливерпул, Аталанта и Ајакс, но и знае да трпи ќотек, повторно со рекорд, односно најмногу направени прекршоци над него, точно 13.

Оњека е најавен во составот на Митјиланд за гостувањето на „Јохан Кројф арената“ вечерва од 21 часот, а неговиот стил на игра веќе го привлече вниманието и на поголеми клубови.

Нигериецот покажа дека е голем борец и по личната трагедија што му се случи летоска. Почина неговиот татко од ковид-19, а Оњека поради строгите протоколи и неможноста да отпатува од Данска за Нигерија, не присуствуваше на погребот на својот родител.

 

- Оглас -

Најнови вести