Повторно ќе решаваме исландска шема – Бахреин мора да падне во Минхен

Раул Гонзалес и неговите соработници од стручниот штаб на македонската ракометна репрезентација повторно успешно треба да решаваат исландска шема на ракомет, денеска од 14 часот во Минхен, против Бахреин.

Вицешампионот на Азија го предводи Арон Кристјансон, Исланѓанец, кој успеа да го крене ракометот во Бахреин на повисоко ниво. Оваа селекција е трикратен вицешампион на Азија по ред, а Катар редовно им беше непремостлива пречка за континенталната титула на последните три првенства.

Во првото коло во Минхен во меч од нашата група очекувано загубија од Шпанија со 23:33, но против еден од фаворитите на шампионатот и не очекуваа многу, освен да не доживеат дебакл.

Особено треба да се внимава на двата бека, Мохамед Хабиб и Хусеин Ал Сајад кои беа најефикасни против Шпанците со по 7 погодоци. Сите нивни репрезентативци настапуваат во две првенства, домашното на Бахреин и во Саудиска Арабија, па искуството со настапи на големите натпреварувања ќе биде хендикеп за нив и голема предност за Македонија.

И во првото коло игравме против ривал со селектор од Исланд, а популарниот „Ел команданте“, Раул Гонзалес, успешно го прочита планот на јапонскиот кормилар Дагур Сигурдсон и сигурно и убедливо ги победивме самураите со 38:29.

И денеска Македонија е фаворит и тоа огромен, па се очекува втора победа пред дуелите со посилните селекции во нашата Б група.

 

 

- Оглас -

Најнови вести