Повторно кобно второ полувреме за Металург

Во Металург знаат дека проблем им се вторите полувремиња, но немаат решение и повторно и вечерва потфрлија во вторите 30 минути, откако првото го одиграа подобро и резултатски држеа неизвесност. ППД Загреб славеше со 26:22 во меч од СЕХА-лигата.

За искусниот тренер Лино Червар ова беше прв меч против клубот на чија клупа седеше цели осум години.

Серијата од 8-0 во првите минути од второто полувреме, па оние 11-10 од првите 30 минути, станаа 19-11 и победникот беше одлучен. Хрватите имаа и плус девет (22-13), но во финишот македонскиот тим го ублажи поразот.

За тимот на тренерот Данило Брестовац ова е изедначување на најнеефикасната игра сезонава. Сезонава тие дадоа 22 гола и против Бешикташ. Фалеа головите на првиот стрелец Јагањац, кој погоди само трипати. Томовски имаше 11 одбрани, а Миличевиќ и Серафимов со по 4 гола беа најефикасни во поразениот тим.

Брестовац постојано вели дека падот во вторите полувремиња може да престане ако се донесат еден до двајца играчи, со што ротацијата би била подолга. Металург е последен на табелата во СЕХА со еден бод.

- Оглас -

Најнови вести