Прекинатиот натпревар од домашниот шампионат меѓу Чаир 2030 и МЗТ Скопје Аеродром, ќе се доигра утревечер со почеток од 21 часот.
Според одлуката на комесарот за натпреварување во Кошаркарската федерација на Македонија, Александар Милојевиќ, мечот ќе се доигра пред празни трибини во салата „Шабан Трстена“.
Натпреварот беше прекинат на полувремето бидејќи кошаркарите на актуелниот шампион беа физички нападнати од неофицијални лица. Мечот беше прекинат при резултат 42:44 за МЗТ Скопје.
Претходно, комесарот Милојевиќ изрече и казни за двата тима.
Клубот Чаир доби забрана за поставување ВИП столчиња зад кошевите до крајот на првенството, а за слаба организација на мечот, казнет е парично со 40.000 денари. Техничкиот раководител Алајдин Мустафа доби казна од 20.000 денари и забрана за вршење на должноста до крајот на сезоната 2023/2024.
МЗТ Скопје пак ќе моа да плати казна во висина од 30.000 денари поради предизвикување прекин подолг од 15 минути.