Новото првенство во Првата македонска фудбалска лига започнува за десеттина дена, односно викендот на 5 и 6 август, но вистински возбудувања ќе има веќе во второто коло.
Вардар својот прв домашен натпревар по враќањето во прволигашката конкуренција ќе го има против градскиот ривал Шкупи на Националната арена „Тодор Проески“. Второто коло ќе биде интересно и поради гостувањето на шампионот Струга кај тетовска Шкендија.
Во петтото коло на 27 август Вардар ќе гостува во Струга, додека една седмица подоцна во шестото коло Шкендија ќе го пречека Шкупи.
Дуелот на екипите кои до пред неколку години се бореа за шампионската титула, Вардар и Шкендија, ќе се одигра во рамките на десеттото коло на 7 октомври во Скопје.
Првиот круг завршува со 11-тото коло на 22 октомври, а веќе на 30 октомври со натпреварите од 12-тото коло започнува вториот круг од првенството, кој ќе трае до 6 март следната година.
Комплетниот распоред за новата сезона во прволигашката конкуренција може да го погледнете ТУКА.