Фудбалската репрезентација на Македонија ќе игра во група со Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн, во квалификациите за пласман на Светското првенство 2026, кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико, а УЕФА веќе го потврди распоредот на натпревари.
Македонија квалификациите ги започнува со гостување кај Лихтенштајн на 22-ри март следната година, а три дена подоцна на домашен терен го пречекуваме Велс. Во јуни на домашен терен играме против Белгија, а гостуваме во Казахстан. Во септември ќе играме само еден меч, против Лихтенштајн на домашен терен, а во октомври ни следуваат гостување во Белгија и домашен меч против Казахстан. Квалификациите ги завршуваме во ноември со гостување во Велс.
Првото место во групата носи директен пласман на Светското првенство, додека второпласираната ќе игра во баражот. Македонија како победник на група во Лигата на нации, може да се надева на пласман во баражот и без да биде најмалку второпласирана во квалификациите.