По двомесечна пауза, во неделата продолжија возбудувањата во македонскиот фудбалски шампионат, а екипите веќе се подготвуваат за дуелите од 20-тото коло. Според распоредот, дуелите ќе се играат в недела од 14 часот, но еден меч ќе се одигра еден ден порано. Тоа е пресметката меѓу Струга ТЛ и Вардар.
Двата тима се договорија дека може да играат во саботниот термин од 14 часот, а корист ќе имаат и Струга ТЛ и Вардар затоа што ќе добијат еден ден повеќе за подготовка за четвртфиналните куп-пресметки.
На 26 февруари се закажани дуелите од Купот, кога Вардар ќе биде домаќин на Силекс, додека Струга ТЛ на свој терен ќе игра против Гостивар. Токму затоа и Вардар и Струга ТЛ прифатија нивниот меѓусебен дуел од 20-тото коло во Првата лига да го играат еден ден пред останатите средби во ова коло, во кое ќе се сретнат уште и Тиквеш – Пелистер, Брера – Шкупи, Работнички – Воска, Беса – Гостивар, Шкендија – Силекс.