Фудбалската репрезентација на Алжир обезбеди место на завршницата на Светското првенство кое ќе се игра следната година, откако без многу проблеми со 3:0 славеше на гости кај Сомалија.
Со оваа победа, Алжир и дефинитивно го обезбеди првото место во групата од африканските квалификации, каде има 22 бодови од девет меча. Втора во оваа група е Уганда со 18 бодови и нема шанси да го загрози Алжир во пресрет на последното коло.
Алжир ги пропушти претходните два Мундијали, а ова ќе биде вкупно петто учество на оваа селекција на планетарните собири. Тие играа на Светските првенства во 1982 година, 1986, 2010 и 2014 година.
Досега, вкупно 20 репрезентации обезбедија место на завршницата на Мундијалот кој ќе се игра во САД, Канада и Мексико.
На следното СП освен Алжир, претходно местото на завршницата го обезбедија и Австралија, Иран, Јапонија, Јордан (дебитант), Јужна Кореја, Узбекистан (дебитант), Египет, Мароко, Тунис, ко-домачините САД, Канада и Мексико, како и Аргентина, Бразил, Колумбија, Еквадор, Парагвај, Уругвај и Нов Зеланд.