Мечот од второто коло на СП меѓу Португалија и Уругвај (2:0) имаше краткотраен прекин поради ненадејното втрчување на теренот на еден навивач од трибините. Човекот за кого подоцна се дозна дека се вика Марио Фери, во рацете вееше знаме во боите на виножитото, кое е симбол на ЛГБТ заедницата. Во Катар со закон е забрането јавна промоција на оваа заедница.
Освен знамето, Фери имаше маица на која беа испишани две пораки. На предниот дел од маицата пишуваше „Спасете ја Украина“, а на задниот дел пораката гласеше „Почит за жените во Иран“.
Фери, кој го има и прекарот „Фалкао“, е италијански фудбалер кој настапува во пониските лиги и има повеќе од еднодецениска „кариера“ во втрчување на терен и прекинување на фудбалски мечеви.
По прекинот на дуелот меѓу Португалија и Уругвај, Фери беше уапсен и однесен во станица, а таму бил изненаден кога го видел претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, кој му дошол во посета, и тоа во четири часот наутро.
„Поминав тешка ноќ. Не бев во затвор, туку во полициска станица. Инфантино дојде во четири часот наутро за да ми помогне. Никогаш претходно го немав запознаено. Тој ми рече: „Пак ти, зошто? Катар е многу опасен за тебе.“ Му реков дека тие пораки кои ги испратив се многу важни. Сакам да втрчувам на терен на важни натпревари, секогаш со добра намера и позитивни пораки како што беа последните“, изјави Фери во разговор за шпанскиот OndaCero.