Познати деталите како ќе изгледа Суперлигата: Ќе има 64 клуба во три ранга (Видео)

Денеска е историски ден во светскиот фудбал откако Судот на Европската унија го одобри формирањето на Суперлигата. Оваа идеја за Суперлигата е од пред неколку години, а во 2021 година беше првиот неуспешен обид откако ФИФА и УЕФА го забранија ова натпреварување.

Сепак, со денешната судска одлука, според претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес, ова ќе биде револуција каква што била во времето кога се формирал Купот на европски шампиони.

„Како што речиси пред 70 години се направи клучниот чекор за историска промена и формирање на Купот на Европски шампиони, денеска повторно имаме должност и одговорност да му дадеме нов импулс на европскиот фудбал. Затоа и продолжуваме со модерен проект, кој во целост е компатибилен со националните првенства и е отворен за сите, согласно со резултатите. Овој проект ќе донесе економска одржливост на сите клубови, а ќе им донесе и нови возбудувања на сите навивачи“, рече првиот човек на Реал Мадрид, Перес.

Веќе се познати и деталите од Суперлигата. Ќе има три ранга на натпреварувања, и тоа Star (ѕвезди), Gold (злато) и Blue (сино). Во првите две лиги, Ѕвезди и Злато ќе има по 16 клубови поделени во две групи со по осум екипи. Во Сината лига ќе бидат 32 клуба кои ќе бидат поделени во четири групи со по осум екипи. Во секоја лига, секој клуб ќе има загарантирани 14 меча (7 дома и 7 на гости).

Двете најдобри екипи од секоја група ќе обезбеди место во четвртфиналето, кога ќе започне нокаут-фазата. Победниците во сите три лиги ќе добијат трофеи. Финалистите од Златната и Сината лига ќе се изборат за пласман во подобрата лига следната сезона, а најслабите две екипи од Ѕвездената и Златната лига ќе одат ранг подолу.

Во Сината лига ќе останат само најдобрите 12 клубови, а останатите 20 ќе испаднат и нивните места ќе ги заземат клубовите според резултатите постигнати во домашните шампионати.

Натпреварувањето во групната фаза би било од септември до април, а мечевите би се играле преку недела, за да се овозможи непречено одржување на домашните првенства. Фирмата „А22 Спортс“ која стои зад овој проект даде и видеообајснување за тоа како би изгледале овие натпреварувања во Суперлигата.

 

- Оглас -

Најнови вести