Во пресрет на одржувањето на Генералното собрание на Јадранската АБА лига, утре во Загреб, познати се 13 учесници во второлигашката конкуренција, АБА-2 лигата.
Во новата сезона повторно ќе играат 14 екипи, останува непознато само името на последниот учесник, кој веројатно нема да биде познат ниту утре, туку после одигрувањето на квалификациите. За тоа место конкурираат Војводина, Илирија, Босна и Спарс.
Од Македонија ќе учествуваат МЗТ Скопје, кој минатата сезона испадна од најквалитетното јадранско друштво, како и екипите на Пелистер и ТФТ како најдобропласирани од кошаркарскиот шампионат на Македонија.
Останатите земји од поранешна Југославија ќе имаат по два претставници. Од Србија тоа се Златибор и Спартак Суботица. Хрватска ќе ја претставуваат Жибенка и Цедевита Јуниор, додека од Црна Гора се екипите на Сутјеска и Подгорица. Од Босна и Херцеговина ќе учествуваат Борац од Бања Лука и Широки Брег, додека од Словенија ќе ја претставуваат Хелиос и Шенчур.
Раководството на лигата треба да одлучи по кој формат ќе се игра оваа сезона, дали како до сега со четири турнири и по еден меѓусебен меч или класично со натпревари дома и на гости.