Селекциите на Еквадор и Уругвај им се приклучија на Бразил и Аргентина како директни патници на Светското првенство во Катар кое се игра во ноември оваа година. Во претпоследното коло од јужноамериканските квалификации, Уругвај минимално со 1:0 го победи Перу во директната пресметка за четвртото место во групата.
Уругвај даде гол во 42-рата минута, кој на крајот се покажа како доволен за триумф и освојување на „златни“ три бода. На победата на Уругвај се радуваа и во Еквадор. Иако Еквадор загуби на гости кај Парагвај со 3:1, оваа селекција сепак си обезбеди место на Мундијалот затоа што 25-те бода кои ги имаше се доволни и на крајот да биде во Топ 4 селекциите.
Бразил без проблеми со 4:0 го победи Чиле, а Колумбија со 3:0 славеше над Боливија. Во последното коло ќе се решава само енигмата за тоа кој ќе стигне до петтото место, кое води во баражот за СП. Моментно Перу е на петтото место со 21 бод, Колумбија има 20, а Чиле е зад нив со 19 бодови и со теоретски шанси да стигне до баражот.
Досега вкупно 19 селекции обезбедија место на СП.