Во недостаток на квалитет кај македонските екипи, Белград е местото кое е најблиску за да се почувствува атмосферата од групната фаза во Лигата на шампионите. Српскиот првак Црвена ѕвезда втора година по ред ќе биде дел од најдобрите 32 екипи во Европа.
Црвено-белите синоќа ги добија противниците во групата. Ќе играат против најтрофејниот германски клуб Баерн Минхен, против актуелниот европски вицепрвак Тотенхем и против грчкиот Олимпијакос.
Првиот меч Ѕвезда ќе го одигра на гости кај Баерн во Минхен на 18 септември. Потоа следува дуел против Олимпијакос во Белград на 1 октомври, а потоа следува двомеч против Тотенхем. Прво се игра во Лондон на 22 октомври, а потоа на 6 ноември е дуелот на „Рајко Митиќ“ против премиерлигашот.
На 26 ноември ќе гостува Баерн Минхен во Белград, а последниот меч од групната фаза е на 11 декември, кога Црвена ѕвезда ќе игра во Атина, против Олимпијакос.