Познато е кои би биле паровите во евентуалниот плејоф за титула во Серија А

Италијанската Серија А е под мораториум до 3 април, а причина за тоа е епидемијата од Коронавирусот. Според најавите, тешко дека ќе има слободни датуми кога би се одиграле сите предвидени кола во домашното првенство, па постои реална опција оваа сезона да нема ни прогласување шампион.

Сепак, една од опциите е да се формира плејоф во кој најдобрите четири екипи ќе разигруваат за титулата. Во полуфиналето би играле Јувентус, како лидер во првенството, против четвртопласираната Аталанта, додека второпласираниот Лацио би бил домаќин на третиот Интер.

Победниците во полуфиналето ќе играат за трофејот. Уште не е јасно дали тоа би било еден меч на неутрален терен или би се играло по еден дуел на терените на двата финалисти.

Освен во евентуалната разврска за титулата, на ист начин може да се одлучи за тоа кои тимови ќе испаднат. Според моменталниот распоред на табелата, Џенова би била домаќин на Бреша, а Лече ќе игра против СПАЛ.

Ова е само една опција за тоа како може да се заврши италијанското првенство сезонава, но и тоа не е сигурно. Неизвесноста за тоа како ќе заврши Серија А засега останува.

- Оглас -

Најнови вести