36.8 C
Skopje
вторник, 8 јули 2025

Познато е кој клуб ќе заработи најмногу пари од ФИФА благодарение на Мундијалот

Англискиот првак Манчестер сити ќе заработи најмногу пари предвидени како компензација од Светската фудбалска федерација (ФИФА) затоа што фудбалери на овој клуб беа дел од Мундијалот во Катар. Програмата за помагање на клубовите ќе исплати 209 милиони долари за клубовите кои имаа свои играчи на Светското првенство.

Секој фудбалер на својот клуб ќе му донесе по 10.000 долари за секој поминат ден на Мундијалот во Катар, како и за деновите во подготвителната седмица пред стартот на планетарниот собир. Според тие пресметки, „Тајмс“ пишува дека за секој играч кој испаднал во групната фаза ќе бидат исплатени по 180.000 долари. За елиминација во осминафиналето следуваат по 220.000 долари, додека за играње до четвртфиналето следуваат по 280.000 долари од играч. За пласман во полуфинале се добиваат по 320.000 долари, а за место во финалето ќе има обезбедено по 370.000 долари.

Клубовите ќе добијат пари за сите играчи, без разлика дали тие играле на мечот или биле на клупата за резерви. Ако играчот е дел од клубот помалку од две години, неговиот актуелен клуб ќе треба да ја подели сумата со претходниот клуб на фудбалерот. Тоа значи дека Барселона ќе добие пари и од настапите на Лионел Меси и Антоан Гризман, кои ќе играат во финалето.

Според овие пресметки, Манчестер сити ќе добие рекордни 5,5 милиони долари благодарение на 16-те фудбалери кои ги имаше на Мундијалот. На второто место е Барселона со заработка од 4,1 милиони долари од вкупно 17-мина фудбалери.

Одлична заработка ќе имаат и Манчестер јунајтед со 3,52 милиони долари, Челзи со 3,05 милиони долари, потоа Тотенхем 2,88 милиони долари, Арсенал 2,61 и Ливерпул со 1,92 милиони долари. Вкупно 416 клубови од 63 различни земји имаа свои фудбалери на Светското првенство во Катар.

- Оглас -

Најнови вести