Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Стефан Ристовски, беше меѓу најрасположените синоќа откако Динамо Загреб се пласира во групната фаза од Лигата на шампионите.
Стефан прославуваше еуфорично во соблекувалната, а дополнителна радост му донесе и информацијата дека ќе добие одлична премија од клубот како еден од играчите кои играа најмногу и понесоа голем дел од товарот во квалификациите.
Според хрватските медиуми, играчите кои играле најмногу, а во оваа група се наоѓаат и Аријан Адеми и Ристовски, ќе добијат по 100.000 евра како премија од Динамо.
Со влегувањето во ЛШ, Динамо заработи 22 милиони евра. За секој освоен бод во групите, наградата за клубот е 930.000 евра, а клубовите добиваат пари и од маркетингот. И за играчите ќе има дополнителни финансиски придобивки ако Динамо освојува бодови во групната фаза. Минатиот пат кога Модрите беа дел од ЛШ, секој играч добиваше по 50.000 евра за победа, а по 30.000 евра за реми.