Славниот српски тенисер Новак Ѓоковиќ, изминатите неколку дена беше во Грција со своето семејство, после Миконос и Парос, одмораше и на островот Тинос, а таму се сретна со премиерот Кирјакос Мицотакис, при што двајцата направија заедничко селфи.
Фотографијата беше објавена на личните социјални мрежи на грчкиот премиер. Неодамна тие вечераа заедно во ресторан во областа Колонаки, беа и на литургија во црква, а пред извесен период се шпекулираше дека Новак често е во Грција затоа што планира да се пресели во Атина.
Но, најновите информации се дека Ѓоковиќ одлучил отвореното првенство на Србија од АТП 250 серијата, да го пресели од Белград во Атина. Се преговара турнирот да се игра во олимписката сала „ОАКА“ во која игра кошаркарскиот тим Панатинаикос. Турнирот ќе се игра од 2-ри до 8-ми ноември, за тоа е известена и Евролигата, па ПАО во тој период ќе мора да игра или на гости или во друга сала.
АТП турнир во Атина се нема играно 30 години.