Познато е зошто Модриќ ги одби милионите од Саудиска Арабија, од репрезентацијата ќе се прости идната година

Лука Модриќ и во следната сезона ќе го носи дресот на Реал Мадрид одбивајќи ја богата понуда од Саудиска Арабија, а ќе продолжи да настапува и за хрватската репрезентација барем до идната година и Европското првенство во Германија, пишува новинарот на весникот „Ас“, Томас Ронкеро.

Новинарот пишува дека Модриќ одбил понуда вредна 200 милиони евра за три години од Саудиска Арабија и главна причина за тоа е семејството. Имено, Модриќ кога ја добил понудата, седнал на маса со претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес,  му соопштил за неа, но и дека ја одбил поради семејството кое не сакало да се сели во Саудиска Арабија. Исто така, голема желба му е кариерата да ја заврши во дресот на Реал Мадрид и Перес ќе му ја исполни оваа желба. Наскоро и официјално Хрватот ќе потпише нов едногодишен договор и идната година ќе замине во пензија.

На Модриќ не му пречи и тоа што Реал Мадрид веќе го потпиша Џуд Белингам, кој игра во средниот ред. Новинарот не ја отфрла можноста тренерот Карло Анчелоти поради големата конкуренција, да ја смени формацијата и следната сезона да игра со четворица фудбалери во средниот ред, а не со тројца, како што практикуваше минатата сезона.

„Ас“ исто така пишува дека 37-годишниот Модриќ ќе продолжи да игра и за хрватската репрезентација и дека ќе се обиде на Европското првенство кое ќе се игра идната година во Германија да дојде до трофејот.

- Оглас -

Најнови вести