Пред 12 години плаќал за да игра фудбал, сега го однесе тимот во финале на ФА купот

Ватфорд е тимот кој вчера успеа да се избори за место во финалето на ФА купот, каде што ќе оди на мегдан против фаворизираниот Манчестер сити. Во неизвесен меч, Ватфорд дури по продолженија го победи Вулверхемптон со 3-2.

Иако губеше со 2-0, Ватфорд не се предаде и тоа на крајот значеше пласман во финалето. Оваа победа посебно емотивно ја доживеа капитенот Трој Дини. Тој беше стрелец на погодокот од пенал во 94-тата минута, со којшто Ватфорд израмни на 2-2 и се избори за продолженија, каде што херојот Жерар Делофеу го постигна својот втор гол на овој меч и им донесе голема радост на навивачите на Ватфорд.

По завршување на средбата, капитенот Дини премногу емотивно го доживеа овој успех. Тој го исполни својот сон да игра финале на „Вембли“, иако во минатото бил многу проблематичен, па дури има заглавено и во затвор. Во 2012 година учествувал во тепачка и поради нанесување тешки телесни повреди, поминал три месеци од предвидените 10 месеци добиени поради тепачката.

„Изминав долг пат. Луѓето зборуваат за моето време поминато во затвор, но јас поминав трнлив пат да станам добар фудбалер. Затоа и бев толку емотивен на крајот од дуелот. Едвај се воздржив да не заплачам“, вели Дини, кој додава дека во минатото плаќал пари за да игра фудбал. „Пред 12 години плаќав по 10 фунти неделно за да играм фудбал, а сега сум во финалето на ФА купот. Цврст играч сум, тоа сите го знаат, но вакви натпревари изнудуваат емоции“, додаде Дини, кој ќе има шанса и да го крене трофејот во најстарото натпреварување во светот ако успее да направи подвиг и во финалето да го победи Манчестер сити.

- Оглас -

Најнови вести