Изминаа четири години, а оваа победа сè уште се смета за една од најголемите сензации во историјата на македонскиот фудбал. На 31 март 2021 година, репрезентацијата на Македонија приреди незаборавен момент, совладувајќи ја Германија со 1-2 на нејзин терен во Дуисбург во квалификациите за СП.
Легендарниот Горан Пандев го отвори резултатот пред самиот крај на првото полувреме, носејќи ѝ предност на Македонија. Германците успеаја да израмнат преку Илкај Гундоган, кој беше прецизен од белата точка во 63-та минута.
Но, херојот на вечерта беше Елиф Елмас, кој во 85-та минута ја затресе мрежата на Германците и го запечати историскиот триумф на Македонија против фудбалскиот гигант.