Украинскиот тим Шахтар од Донецк е со четири бода од првите три меча во Лигата на шампиони и е на второто место во групата, каде лидер е Реал Мадрид. Токму Кралскиот клуб е денешниот ривал на Шахтар, а тренерот на украинскиот гигант, Игор Јовичевиќ, на посебен начин ги мотивираше своите фудбалери.
Јовичевиќ потсети на жестоките воени напади кои изминативе денови ги имаат руските сили врз повеќе украински градови, каде имаше и повеќе цивилни жртви.
„Нема да нѐ срушат. Ниту нашиот дух, ниту нашиот морал. Може само привремено да нѐ повредат, но не и да нѐ уништат. Ние сме обединети и силни“, рече Јовичевиќ за ситуацијата во Украина, а потоа продолжи на фудбалски теми. Поради воените дејствијата во Украина, Шахтар своите мечеви како домаќин ги игра во Варшава.
„Спортистите се должни да се борат на теренот. Ние ќе играме блиску до нашата земја и со мислите сме со сите наши сограѓани кои се таму. Многумина од семејствата на фудбалерите се во Украина и тоа секако дека им влијае на сите нив, но моралот не им е уништен. Ќе се бориме на теренот како што се борат нашите војници во Украина. Ќе го претставуваме украинскиот народ на теренот“, вели Јовичевиќ.
Реал Мадрид со 2:1 славеше над Шахтар минатата недела на „Сантијаго Бернабеу“, па сега украинскиот тим се надева на реванш.