Младиот српски кошаркар тристан Вукчевиќ пред еден месец направи необичен трансфер. ВО сред сезона, центарот на Партизан замина во НБА лигата и потпиша договор со Вашингтон визардс. Волшебниците од НБА го драфтуваа овој 21-годишен центар минатото лето и тоа како 52 пик, но решија да го остават во Партизан да продолжи да се развива.
Вашингтон има очајна сезона и со само 15 победи и 63 порази е на претпоследното место во Источната конференција. Токму поради лошите резултати и загубената сезона, од челниците на овој тим решија до крајот на сезоната да им дадат шанса на млади кошаркари. Го откупија договорот на Вукчевиќ кој беше 1,2 милиони евра (пари кои подеднакво ќе ги поделат Партизан и Реал Мадрид кој е поранешен клуб на центарот).
Сезонава, Вукчевиќ беше резерва во Партизан и во Евролигата играше помалку од 10 минути со просек од 4,2 поени и 2, 3 скока по меч. По доаѓањето во Вашингтон, 21-годишниот центар добиваше по неколку минути во средбите кои се играа во март, но веќе во овие неколку дена ситуацијата се промени.
Одигра 13 минути на првиот меч во април и постигна 14 поени против Милвоки, а веќе потоа на теренот помина 30 минути и даде 15 поени против Лос Анџелес лејкерс, за да синоќа биде стартер и за 24 минути поминати на теренот, целосно ја оправда довербата. Вукчевиќ заврши со 17 поени, седум скока и две асистенции, што е негов најдобар меч откако е во НБА.
Откако е дојден во НБА, Тристан Вукчевиќ во осумте дуели кои ги одигра има просек од 6,9 поени и 3,3 скока.