Само пред два месеца, Самуел Чукуензе одигра фантастичен меч против Реал Мадрид и постигна два гола во победата на Вилјареал од 3:2 на „Сантијаго Бернабеу“. Нигериското десно крило едноставно беше незадржливо за ѕвездите на Кралскиот клуб, па уште по завршување на тој дуел, започнаа шпекулациите дека на крајот од сезоната Чукуензе може да се пресели во Реал Мадрид.
Сега овие шпекулации се уште позасилени затоа што неколку фудбалери на Реал го напуштија клубот и едноставно е потребна „свежа крв“ во составот. Чукуензе ја заврши сезоната со 13 гола и 11 асистенции во 50 натпревари за Жолтата подморница, а посебно за памтење се спектакуларните погодоци што ги даде на дуелот токму против Реал Мадрид.
Се најавува дека Вилјареал ќе бара 50 милиони евра за да го пушти Чукуензе, што би било рекорден трансфер на Жолтата подморница. Засега рекордниот трансфер на овој клуб е 40 милиони евра, кога Пекинг Гуан во 2018 година плати толку за Седрик Бакамбу.
Од Реал Мадрид на крајот од оваа сезона веќе си заминаа Карим Бензема, Марко Асенсио, Еден Азар и Маријано, а се најавува заминување на уште играчи, што значи дека раководството на клубот ќе мора да реагира и ќе биде активно во летниот преоден рок.