Пред две години беше без клуб и го тераа да стане полицаец, а сега е херој на Мундијалот во Катар

Репрезентацијата на Холандија обезбеди пласман во осминафиналето како првопласирана во групата А, а големи заслуги за тоа има голманот Андриес Ноперт, кој доколку продолжи со одличните игри, сигурно во иднина ќе се снима филм за него.

Приказната за голманот на Лалињата е вистинска фудбалска бајка, пред две години го тераа да го остави фудбалот и да стане полицаец, воопшто не требаше да оди во Катар, а сега е херој на нацијата и ќе игра во осминафиналето на СП.

Холандските медиуми ги видоа Тим Крул и Јеспер Силесен како први голмани на Лалињата, а Ремко Пасвер како нивна замена, но селекторот Луис ван Хал, на големо изненадување, во списокот за СП во Катар го стави и 28-годишниот голман на Херенвен, Андриес Ноперт.

Ноперт е роден во Херенвен и во клубот од овој град ја започна фудбалската кариера, но не доби вистинска шанса, па сениорското деби го имаше во Бреда, каде што за четири години само седум пати се најде меѓу стативите. Кариерата не му изгледаше подобро ниту по преселбата во Фоџа, за која во Серија Б бранеше само на осум натпревари, а екипата испадна во третата лига. Потоа се врати во Холандија, во сезоната 2019/20 одигра два натпревари за Дордрехт и доби отказ поради проблеми со повредите.

https://twitter.com/77Yasirkhan/status/1595179182065082370?s=20&t=_CdpFAvZfNcsDmBECNKemQ

Неговата сопруга и семејството го молеа да се откаже од фудбалската кариера и да ја прифати работата што му била понудена, да стане полицаец. Но, Ноперт не ги послуша, една година беше без тим, по што потпиша за Гоу ахед иглс и работите тргнаа на подобро за него. Вториот дел од минатата сезона го помина во овој тим, бранеше на 15 натпревари, кои беа доволни да го натераат тимот во кој почна да тренира, Херенвен, да му даде нова шанса.

Сезонава 203 сантиметри високиот голман прими 13 гола во 14 натпревари, но на шест ја сочува мрежата недопрена и тоа беше доволно за селекторот Ван Хал да го стави во списокот на патници за СП во Катар.

Ван Хал потоа уште еднаш ја шокира нацијата, иако сите очекуваа искусниот Ремко Пасвер и голманот на Феенорд, Џастин Бајло, да бидат први опции, а Ноперт нивна замена, селекторот одлучи поинаку.

Андриес Ноперт е прв голман на Холандија на Мундијалот во Катар и воодушеви со своите одбрани. Само благодарение на неговите одбрани, Холандија во првото коло го победи Сенегал со 2:0, ја зачува мрежата недопрена и против Катар, а единствениот гол го прими во дуелот со Еквадор. На трите натпревари беа упатени 10 шута кон неговиот гол, а Ноперт успеа да одбрани девет.

Следен предизвик за Ноперт ќе биде осминафиналниот дуел против САД, кој ќе се игра в сабота од 16 часот, а Холанѓаните, кои на почетокот на Мундијалот вртеа со главите кога во видоа високиот голман меѓу стативите, сега се крстат во него како еден од главните адути.

- Оглас -

Најнови вести