Кога имате јасна визија, силна амбиција и посветеност, да ги остварите целите за кои чувствувате дека ви се дофатливи, се доаѓа до резултатот кој го има Емил Рајковиќ, човекот кој на само 27 години ја прекина кошаркарската кариера како играч, и стана тренер кој ги достигна најголемите европски височини со работењето во гигант како ЦСКА Москва.
Нема друг македонски тренер кој имал чест да биде шеф на стручен штаб на толку трофеен клуб како ЦСКА која осум пати била европски првак.
Патот до успехот траеше 17 години. Емил занаетот почна да го пече во тимот Тоа сум јас, а првите успеси и титули дојдоа со Фени индустри со кој стана прв македонски клуб кој освоил меѓународен трофеј (во БИБЛ лигата во 2011 година). Следуваа Полска, Казахстан и Русија, во сите лиги каде што работел Рајковиќ, бил тренер на годината.
Во ЦСКА беше од јуни 2022 година до април годинава.
ВО ЦСКА СЕ БАРА ПОБЕДА НА БУКВАЛНО СЕКОЈ НАТПРЕВАР И ТОА СО ИГРА КОЈА ЌЕ ГИ ЗАДОВОЛИ СИТЕ
„ЦСКА Москва е клуб кој што ми беше чест и задоволство да го водам две години. Тоа е еден од најголемите клубови во светот со единствена и славна историја и е исклучително добро организиран. Мојата работа суштински не се разликуваше многу од било кој друг клуб што сум го водел, освен константниот притисок кој е присутен во однос на тоа дека мора да се победи баш секој натпревар, со игра која е резултат на гејм планот и со стил кој ги задоволува гледачите, навивачите, легендите на клубот, управата и целата спортска јавност. Видете, на крајот на краиштата каде и да работам, ќе биде барано или очекувано од мене да ја донесам најдобрата технологија на работа, да поставам високи стандарди во сите сфери на работењето и да го водам тимот да победи што повеќе натпревари, да освои што е можно повеќе титули во стил допадлив на публиката, а запазувајќи ги финансиските цели на организацијата. Значи една комплексна задача и одговорност која што оди рака под рака со самата функција главен тренер. Тоа е суштината на нашата тренерска работа во спортот во било кој тим“, вели Рајковиќ кој неодамна во салата на СРЦ Кале во Скопје имаше предавање на тренерскиот семинар.
После ЦСКА, чекор погоре за Рајковиќ можеби би била НБА лигата, но таму вратата не е ширум отворена за европските тренери како што е за играчите.
„За мене е важно да работам во клуб кој што би бил воден од вистински луѓе кои имаат веќе етаблирана култура на високи морални и етички вредности во клубот. Моите амбиции во моментов не се конкретно врзани за одредена лига туку опциите ги гледам на друг начин. Ако гледаме реално јас сум веќе 10 сезони главен тренер во Европа (16-17 ако го вклучиме и искуството во Македонија) во НБА лигата е скоро невозможно Европеец да добие работа како главен тренер, тие имаат свој систем на вредности и одредена хиерархија која доследно се почитува. Тренер од Европа да дојде до позиција на главен тренер обично мора да помине десетина години на пониски позиции како асистент и да се искачува постепено како на пример Игор Кокошков или Дарко Рајаковиќ. Ќе видиме што носи иднината“, смета Рајковиќ кој е без ангажман во моментов и периодов му се посветува повеќе на семејството, а од Нова Година посериозно ќе ги разгледува опциите, иако тренерската работа е непредвидлива и никогаш не може да се прават подолгорочни планови.
Рајковиќ има искуство и со водење на национален тим, во еден краток период беше и селектор на Казахстан. Во Македонија бил само во улога на помошник во А тимот, не и како главен селектор на сениорите.
„Не можам да исклучам ни една опција сега, но мислам дека клуб е посоодветен ангажман за мене отколку како селектор“, ни одговори Рајковиќ.
ПОТРЕБНО Е ПОДОБРУВАЊЕ НА ИНФРАСТРУКТУРАТА ВО МАКЕДОНСКАТА КОШАРКА
Македонската репрезентација грчевито се бори за враќање во врвот на европската кошарка, веќе девет години немаме играно на Европско првенство, а ноемвриските мечеви со Литванија и оние февруарските со Естонија и Полска, ќе покажат дали чекањето ќе биде поголемо и од една деценија.
„Македонската лига за жал е една од послабите во Европа и се надевам дека нешто ќе се подобри во иднина, во однос на условите за игра, инфраструктурата-сали, теретани, реквизити, спортска опрема, медицинска опрема за закрепнување и санирање повреди на спортистите, во едукација на спортските работници, тренери итн. Шансите за пласман на ЕП 2025 реално не се многу големи, но постојат, со убедливата победа во Полска селекторот Јончевски и момците направија вистинско изненадување и ги зголемија своите шанси. Многу е важно дали Армани ќе дозволи Нено Димитријевиќ да дојде на тие решавачки натпревари, а другите момци да се здрави и во форма. Ако сите коцки се поклопат и успееме да избориме пласман на Европско, тоа за оваа генерација би бил огромен успех и над очекувањата на сите прогнозери“, смета Рајковиќ.
КАКО И СЕКОЕ ДЕТЕ ОД ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ, НАВИВА ЗА ВАРДАР
Кога има време, Емил повремено гледа фудбалски натпревари, а обложувачкото искуство му е од минатото.
„Многу одамна се имам обложено неколку пати на фудбал и моето искуство со тоа мора да признаам дека е скромно. Инаку, јас сум роден и израснат во центарот на Скопје кај Универзална сала и сум одел како дете на Градски стадион да го гледам Вардар во југословенската лига, па ако треба да издвојам фудбалски клуб кој го сакам, секако тоа е Вардар“, заклучува Рајковиќ кој состави интересен хуманитарен тикет во Sport Life за кој верува дека ќе биде добитен, па да може да помогне таму каде што е потребно.