Килијан Мбапе вчера го одигра последниот домашен натпревар за ПСЖ, откако во петокот со видеопорака ја соопшти својата конечна одлука дека летово си заминува од Париз. Токму тоа видео било причина за голема кавга во соблекувалната пред натпреварот против Тулуз.
Мбапе ниту еднаш не го спомена претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи, во видеото, иако им се заблагодари на сите поединечно. Од претходно е познато дека тие воопшто не комуницираа откако Мбапе се одлучи да не го продолжи договорот со ПСЖ.
Катарецот се навредил бидејќи не е споменат во видеото, па побарал лично да се види со Мбапе, по што следувала жестока караница, а сведоците велат дека „ѕидовите се треселе“. Токму поради тоа и фудбалерите на ПСЖ доцна излегле на загревањето пред натпреварот. На крајот Мбапе даде гол за водство на Светците, а Тулуз направи пресврт за победа од 1-3.