За двајца фудбалери, летниот трансфер во Челзи им донесе експресен напредок во кариерите и вреден трофеј.
Пред неполни два месеца, Лијам Делап со Ипсвич таун и Дарио Есуго со Лас Палмас испаднаа од елитното друштво во Англија, односно Шпанија, а сега може да се пофалат дека како играчи на Челзи станаа светски клупски шампиони.
Португалецот Есуго, кој има 20 години, во Челзи дојде од Спортинг Лисабон, но сезонава играше како позајмен во Лас Палмас, со кого испадна од шпанската Ла Лига. На СКП одигра три меча, најголема минутажа (32 минути) доби против Есперанс.
Напаѓачот Делап пропушти само еден меч (полуфиналето) и тоа поради суспензија за жолти картони, но на ниеден меч не одигра цели 90 минути. Веднаш по трансферот ја почувствува разликата како е да се биде во Ипсвич и во Челзи. Сега четири сезони ќе носи дрес со беџ за освоено Светско клупско, а пролетоска беше разочаран што неговиот тим испадна од Премиер лигата.