Пред почетокот на Светското ракометно првенство, Шведска најави дека ќе патува без 12-мина играчи кои беа дел од ланското Европско првенство, на кое разочараа. Тоа досега се покажа како одличен потег затоа што Шведска на Мундијалот во Египет има пет победи и само две нерешени средби, без пораз.
Шведска стигна до полуфиналето, но сега нема да бидат фаворити затоа што ривал им е Франција. Тоа се две селекции кои одлично се познаваат, а традицијата е на страната на Франција. Галските петли имаат девет победи во последните 10 меѓусебни средби одиграни во последниве 19 години.
Иако Франција е фаворит, на помалку од 24 часа до дуелот со Шведска, стигнаа лоши вести за Франција, која ќе мора да игра без двајца ракометари кои беа меѓу најдобрите во досегашниот дел од шампионатот. Лука Карабатиќ, кој е прв играч во одбраната, како и првиот шутер од левата бековска позиција Тимоти Н’Гесан се во аут за денешниот дуел. Двајцата се повредија за време на исцрпувачкиот дуел против Унгарија во четвртфиналето.
Дуелот меѓу Франција и Шведска се игра во 17:30 часот, а во 20:30 часот треба да започне второто полуфинале меѓу Шпанија и Данска.